КОМПИРИ СО СУВИ ЦРВЕНИ ПИПЕРКИ И ЈАЈЦА

К

За смртта не се зборува

Висока беше…
и крупна, вака како тебе.

Многу потсетуваш на неа.
И без да го чуе некој твоето име,
ќе знае дека си и внука.
 
Од што почина?
Од лошото…

И молк.
Тешка тишина…

И паметна беше.
И нејзиниот збор се слушаше.
И сите ја сакаа…


Што се случи?
Лошото…

И молк.
Тешка тишина…

Остави две мали деца – колку ги сакаше?
Две сонца кои само што ги угреа сонцето,
ќе го минат животот со темна сенка
засекогаш над нив надвишена.
Сопругот – првото либе, недољубено…

Се бореше со злата болест.
Како се чувствуваше?
Како ги поминуваше последните денови
кога смртта во очи ја гледаше,
а срцето од љубов преполно ќе ѝ препукнеше?
 
И молк.
И тешка тишина…

Животот и без неа ќе продолжи,
а нејзините соништа  недосонувани?
Желбите  неисполнети?

И молк.
И тешка тишина…

За смртта кај нас не се зборува.
За починатите – уште помалку.

Ова јадење го посветувам на мојата баба – жената што немав среќа лично да ја запознам, но сум сигурна дека во својата кујна подготвувала вакви, топли и едноставни јадења што го собираат семејството околу масата.

Потребни состојки:

  • 1 кг компири
  • 10 суви црвени пиперки
  • 4 јајца
  • 200 мл вода
  • 3 лажици маслиново масло
  • 1 лажичка сол
  • прстофат шарен бибер
  • буковска пипер за сервирање

Начин на подготовка:

Компирите ги лупиме и ги ставаме да се варат во вода. Во истиот сад ги додаваме и сувите пиперки и вариме додека компирите не се готови. Пиперките ги чистиме од семките и ги лупиме, па заедно со компирите ги пасираме со виљушка во мазна смеса.
(Бидејќи ова јадење е многу често на нашето мени, јас постапката ја олеснив така што во процесор ги ставам пиперките, само исчистени од семките, и додавам еден компир. Пасирам додека не добијам хомогена смеса, па ја додавам во преостанатите компири и сè заедно пасирам.)
Смесата ја префрламе во загреан сад на умерен оган. Ги додаваме водата, солта, маслиновото масло и биберот и мешаме додека убаво не се соедини и загрее. Ги додаваме изматените јајца и готвиме уште неколку минути со постојано мешање, додека јацата не се готови .
Сервираме со малку маслиново масло одозгора и прстофат буковска пипер.

Нутриционистички осврт:

Ова е јадење од неколку едноставни состојки, но со добра хранлива рамнотежа. Топло, заситува и лесно се вари а е комбинација од сложени јаглехидрати, протеини и корисни масти – карактеристична за традиционалните домашни оброци.

Позитивни страни:
Компирите обезбедуваат сложени јаглехидрати и калиум за стабилна енергија и мускулна функција.
Јајцата носат целосни протеини и важни микронутриенти за метаболизмот и нервниот систем.
Сувите пиперки придонесуваат со антиоксиданси и природни растителни пигменти.
Маслиновото масло обезбедува корисни масти и подобра апсорпција на витамините.
Природно е без лактоза и без глутен.

На што да се внимава:
Оброкот има повисок јаглехидратен товар, па најдобро е да се комбинира со свежа салата или друг извор на растителни влакна. Количината масло може да се прилагоди според потреба.

Едноставно, топло и искрено – јадење што ги храни и телото и спомените.

image_pdf
Од admin

Следете нè