Има нешто магично во дваесетти јануари.
И пуста случајност не е —
повеќе избор ќе е.
Избрав да се родам
и да се преродам
од луѓе — луѓе и да не се,
за мене многу повеќе од тоа —
на ист ден родени.
Едниот,
од утробата своја,
како најголема љубов,
од љубов создадена,
ме стори.
Ме створи.
Љубов ми дари.
Другиот, пак,
од утробата своја
дар дари —
за да ме има,
за да нè има.
И благодарност
не се вика ова чувство.
Зборот сè уште
не е измислен.
Затоа овој ден
заслужува
две торти.
Оваа торта може да се направи и со обични палачинки.
Секое семејство има свој омилен рецепт –
некој го наследил од баба, некој од мајка,
некој го доработувал со години додека не станал „тој вистинскиот“.
Токму затоа оваа торта лесно се приспособува,
на секоја семејна навика и секој што готви со љубов.
Потребни состојки:
За палачинките:
- 500 г ориз
- 500 мл вода (за киснење)
- 350 мл млеко без лактоза
- 4 јајца
- 1 лажичка сол
За кремот:
- 1 л млеко без лактоза
- 10 жолчки
- 200 г шеќер
- 6 лажици пченкарен скроб
- 2 лажици ситно нарендана мајчина душица
- кора од 4 лимони
- 200 г крем сирење (без лактоза)
Начин на подготовка:
За палачинките:
Оризот го оставаме да кисне во водата неколку часа, најдобро преку ноќ.
Потоа ја цедиме водата и оризот убаво го миеме.
Го ставаме во блендер заедно со млекото и солта и блендаме неколку минути, додека да добиеме мазна смеса без ронки.
Ги додаваме јајцата и уште кратко блендаме, само колку да се соединат.
Смесата ја оставаме да одмори 30-40 минути.
Ако е потребно, додаваме уште малку млеко за да добиеме класична конзистенција за палачинки.
Палачинките ги печеме на добро загреана тава, лесно премачкана со масло.
За кремот:
Во млекото ја додаваме кората од лимон и мајчината душица и го загреваме до точка пред вриење.
Го тргаме на страна и го оставаме околу 10 минути да ги извлече аромите.
Во друг сад ги мешаме жолчките, шеќерот и пченкарниот скроб. Млекото го процедуваме.
Постепено, со постојано мешање, додаваме од жешкото млеко за да се изедначи температурата.
Целата смеса ја враќаме на оган и мешаме додека не се згусти во крем.
Го тргаме од оган. Кремот го покриваме со стреч-фолија (директно на површината) и го оставаме целосно да се излади.
Кога е изладен, го додаваме крем сирењето и мешаме додека да стане мазен и свилен.
Составување на тортата:
Изладените палачинки ги редиме една врз друга, премачкувајќи ги со крем помеѓу секој слој.
Тортата ја оставаме во фрижидер неколку часа за да се стегне и вкусовите да се спојат.
Нутриционистички осврт:
Оваа торта е пример дека и десертите можат да бидат свесен избор, а не само моментално уживање.
Позитивни страни:
Оризот
Оризот е лесно сварлив, природно безглутенски и нежен кон дигестивниот систем. Кога се кисне и блендира, станува уште поприфатлив за организмот и создава мека, фина текстура без потреба од класично брашно.
Јајцата
Жолчките се богати со:
висококвалитетни протеини
витамини A, D, E и B12
холин, важен за мозокот и нервниот систем
Тие му даваат на кремот хранлива длабочина, а не само сладост.
Млекото без лактоза и крем сирењето
Овозможуваат уживање без дигестивен товар кај лица со интолеранција, а сепак обезбедуваат:
калциум
протеини
кремаста структура без компромис во вкусот
Лимонот
Кората од лимон додава не само арома, туку и:
антиоксиданси
поддршка за варењето
свежина што ја балансира слаткоста
Мајчината душица
Овој зачин носи:
антимикробни својства
поддршка за дигестивниот и респираторниот систем
длабочина што ја прави тортата возрасна и сериозна
На што да се внимава:
Ова е богат десерт, со жолчки и шеќер, и треба да се јаде бавно и свесно, во мали парчиња.
Не е за секојден, туку токму затоа е совршен за специјални пригоди, кога храната не служи само да засити, туку и да означи момент.







